10/14/2011

Пустинска роза (Адениум)

Adenium (Адениум) е мал род (околу 5 видови) на повеќегодишни сукулентни листопадни грмушки. Името на родот е изведено од името на градот-пристаниште Аден во Јемен, местото каде што за првпат е пронајдено и регистрирано растение од овој род. Овие сукуленти растат многу бавно, но и многу долго. Како што стареат, нивната вредност и убавина се зголемуваат.

Photobucket

Опис:
Карактеристични за сукулентите од родот Adenium се нивните мазни, заоблени и набабрени стебла, кои често имаат многу необични и чудни форми. Понекогаш стеблата им се целосно под земја, а видливи им се само дебелите гранки. Осетливи се на мраз и на многу влажна почва. Листовите обично им паѓаат во зима или во текот на сувата сезона. Ладното време го поттикува нивното мирување во текот на зимските месеци.

Сите видови од овој род имаат впечатливи и атрактивни цветови кои се групирани на врвовите на гранките. Тие може да бидат во бела, црвена, виолетова, розева или слезова боја. Често може да се видат двобојни (бело-црвени) цветови. Кога ќе се појават ѕвездените цветови, изгледот на растението целосно се трансформира. Листовите се распоредени наизменично или во едноставни спирали. Често се групирани и имаат кратки дршки. Делот од плодовите (mericarp) во кој има семе е долг и тенок. Семките се во темно-кафеава боја и имаат влакненца на краевите.

Photobucket

Одгледување:
Сукулентите од овој род лесно се размножуваат со семе и режење. Семките благодарение на влакненцата кои ги имаат, ветерот лесно ги разнесува и на тој начин се врши нивното природното размножување.

Има една мала “тајна“ како да се создаде необичен облик на стеблото: при секое пресадување растението се поткрева, односно горните делови на коренот се вадат над земјата. На тој начин растението создава повеќе корења кои одат надолу. Набрекнатата основа на стеблото ќе биде формирана само ако сукулентот е одгледан од семе.

Во светот има повеќе одгледувачи, кои произведуваат и одгледуваат голем број на различни сорти и хибриди. Често се организираат голем број на изложби, на кои се истакнуваат природните варијации на формата на стеблото, обликот и бојата на цветовите, како и нивната целокупната големина и изглед. Различни видови и сорти цветаат во различни периоди од годината.

Потекло:
Во природни услови сукулентите од овој род се прилагодени на топли и суви средини и се среќаваат во песоклива почва, на отворени и сончеви позиции. Сукулентните стебла и гранки имаат улога на магацини за вода, кои на растенијата им овозможуваат да преживеат подолг период без вода.

Членовите од овој род потекнуваат од полупустинските предели на Арапскиот полуостров и регионите од источниот до југозападниот дел на Африка.

Photobucket
Adenium obesum
во Сокотра, Јемен

Царство: Plantae
Ред: Gentianales
Фамилија: Apocynaceae
Подфамилија: Apocynoideae
Племе: Wrightieae
Род: Adenium

Видови:
Во родот Adenium било прифатено дека има 12 различни видови. Меѓутоа некои автори сметале дека тие се само подвидови или сорти. Според некои од нив, сите други видови се само подвидови на Adenium obesum. Ниту еден од видовите кои се среќаваат во разни листи, не е дел од International IUCN Red List. Класификацијата на Plazier која била направена кон крајот на дваесетиот век, препознава само 5 видови:

Adenium arabicum
Adenium boehmianum
Adenium multiflorum
Adenium obesum
Photobucket

Adenium swazicum

*Видовите под кои има фотографија се детално обработени во КАКТИПЕДИЈА и може да ги отворите со кликнување врз нивното име или фотографија.

Adenium multiflorum и Adenium obesum се двата најпознати и најраспространети видови од овој род. Има голем број на спектакуларни хибриди. Тие може да бидат мулти-калемени, со неколку сорти и видови (со различни бои на цветови) на едно исто растение.

Порано дел од овој род под името Adenium namaquanum бил и Pachypodium namaquanum.

Примена:
Сите сукуленти од овој род имаат отровен сок. Сокот од Adenium boehmianum, Adenium multiflorum и Adenium obesum е многу горчлив и содржи токсични срцеви гликозиди. Тој се употребува како отров на стрелите кои се користат при лов на животни во Африка. Отровот се вади во зима, откако растенијата ќе прецветаат.

Нема регистрирани случаи на диви животни кај кои отровните компоненти кои ги соджат овие сукуленти имале влијание, но има пријавено случаи на домашни животни кои умреле по конзумирање на делови од растението на некои видови на Adenium.

Листовите на Adenium oleifolium (Adenium obesum subsp. oleifolium) се користат за подготовка на маст која се користи при каснување од змии и убоди од скорпии. Чај направен од коренот се користи како тоник и за лекување на треска.

Исто како и за Кинескиот насмеан Буда со голем стомак и за Adenium-ите со набрекнато стебло (caudex) се смета дека носат среќа.

Надворешни линкови:
Wikipedia, PlantZAfrica.com, Top Tropicals, Adeniums India

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...