5/14/2008

Кактуси, основни информации

Според изгледот, кактусите целосно се разликуваат од билките кои се околу нас и на кои сме навикнале. Тие на некој начин делуваат вонземно. Наместо гранки и листови имаат само меснато стебло, а листовите им се преобразени во боцки и влакненца чијашто улога е одбрамбена: од пресилното сонце или животните. Процесот на фотосинтенза се одвива во стеблото. Во зависност од видот, цветаат во различни периоди од годината, но најголем дел од нив цветаат во пролет. Цветовите им траат од неколку часови до 10-12 денови, во зависност од видот.

Photobucket

Секој што ги одгледува или планира да започне со одгледување на кактуси, мора да ги има овие неколку основни информаци.

Важно е да имаме здрави, убави билки, способни за цветање, репродукција и долг живот. Затоа треба да им обезбедиме што пооптимални услови. Особено битни се четири услови за тоа: топлина, количина на светлина, состав на земјата (супстрат) и режим на полевање.

Кактусите сакаат топлина, но најголем дел од нив сепак сакаат благо засенување. Бидејќи им годи престојот на отворен простор, во текот на летото ги изнесуваме надвор, притоа обезбедуваме заштита од дожд, бидејќи поројните дождови можат да го исфрлат супстратот од саксијата. Од друга страна, долготрајните дождови и летните заладувања кои траат повеќе денови, можат штетно да делуваат на нив.

Кактусите не сакаат “мокри нозе“. Супстратот мора да биде водопропустлив, односно исцедлив. Затоа секогаш во супстратот, освен тресет и шумска земја, се додава и околу 30% испран песок и изситнета цигла (1-5 mm). Кактусите ги садиме во мали, плитки, пластични саксии, темносиви (најдобро) или црни. Провидните и белите треба да се избегнуваат. Се разбира, во предвид доаѓаат и керамички или украсни, само да не бидат преголеми. Младите билки ги пресадуваме секоја година, а постарите секоја втора година и тоа во февруари, пред почетокот на вегетацијата, или на крајот на јули, во време на летната стагнација на прирастот.

Пред садењето, билките не ги полеваме 7-8 дена, ги вадиме од старите саксии и го истресуваме стариот супстрат. Оштетените корени ги скратуваме и при повторното садење внимаваме врвовите на корењата да не бидат свртени нагоре. Ако е потребно билките ги пресадуваме во еден број поголеми саксии и тоа само ако бликата ги надраснала надворешните димензии на саксијата. Супстратот благо го притискаме или само ја стресуваме саксијата. Пресадените билки не ги полеваме во следните 5-7 дена.

Во зима кактусите треба да бидат сместени во светли простории со температура од 5-8°C. Ако во текот на зимата кога има сончеви денови, се случи температурата да надмине 15°C, треба да ги отвориме прозорите и да проветриме. Доколку кактусите во текот на зимата престојуваат во простории со температура од 5-8°C, не ги полеваме воопшто од октомври па се до почетокот на март. Доколку кактусите се држат во дневната соба, треба да се приближат до јужниот или источниот прозор и еднаш на 20-30 денови да им додаваме една до две лажици вода за малите, односно половина филџан за големите кактуси. Ако ги полеваме со поголема количина на вода, ќе почнат да растат. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи поради недоволната количина на светлина ќе дојде до нивна деформација.

Во пролет кактусите ги будиме со оросување со млака вода, најмалку 2-3 пати во период од еден до два дена, во зависност од температурата, па дури потоа обилно ги полеваме со вода. И оросувањето и полевањето се прават наутро до 9 часот, за да можат билките до крајот на денот да се исушат, а супстратот да се процеди. Пролетните полевања се поретки, на 7-10 денови, летните на 4-7 денови, а во есен повторно се проретчуваат, на 10-15 денови.

Сите билки, па и кактусите имаат период на мирување. За најголем дел од нив, тоа е времето од октомври до март.

Извор: Svet Biljaka

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...