5/16/2008

Полевање

Не постои едноставен рецепт за тоа колку треба да се полеваат кактусите и колку често да се прави тоа. Тоа го одредуваат разновидните фактори на средината во која се наоѓаат, но и други фактори кои ги одредуваат потербите на билките. Тука спаѓаат:

- сезоната;
- климата;
- температурата на воздухот;
- големината на билката;
- вид на земјата (супстратот);
- ветровите.

Меѓутоа имајте на ум дека, за разлика од тоа што другите билки зависат од летните и зимски дождови, ниту кактусите, ниту пак другите сукуленти сакаат влажна земја, односно супстрат кадешто дренажата не е добра.

За време на зимските месеци, кога има малку светлост, кактусите и сукулентите треба да се полеваат само толку колку да не овенат. Ако на кактусите им е обезбедено зимско мирување (температура од 5-8°C или 5-10°C), не треба да се полеваат од ноември до март.

Иако не е тешко да се совлада уметноста на полевање на кактусите, сепак е потребно мало експериментирање и внимателно надгледување. Златно правило е “што помалку, тоа подобро“. Можеби понекогаш билките ќе “патат“ поради недостаток на вода, но нема да угинат. Инаку, кога полевате тоа нека биде обилно. Водата треба да истече од дупките, а тацната треба да се испразни после неколку минути (кактусите не сакаат “мокри нозе“). Ако се полеваат повеќе пати по малку, тоа доведува до неправилен раст. Како што во пролет се зголемува количеството на светлина, така и билките бараат повеќе вода. Меѓутоа, многу е битно да се има во предвид дека земјата треба да се исуши помеѓу две полевања.

Полевањето “капка по капка“ треба да трае од 2-6 часа во зависност од големината на билката. Овој начин на полевање изгледа дека им одговара на кактусите бидејќи не се изложуваат на стрес и растат рамномерно. Постарите билки имаат повеќе место за складирање на вода, такашто треба поретко да се полеваат.

Кактусите кои се штотуку посадени не треба да се полеваат. По пресадувањето билките не треба да се полеваат најмалку една недела, на тој начин им се дава време да ги залечат корењата пред да се изложат на вода.

На повисоки температури потребно е почесто залевање, а на пониски поретко.

Извор: CactusInfo

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...