12/01/2011

Забава во Ботаничката градина во Скопје

Насловот не се однесува на ботаничката градина (која деновиве беше актуелна) за која беше најавено дека следната година треба да почне да се гради во Зоолошката градина, туку за веќе постоечката Ботаничка градина во Скопје, која јас за жал сеуште ја немам посетено. Многу малку луѓе воопшто и знаат дека постои, а од малиот број на инфомации кои може да се најдат за градината, може да се дознае дека таа е распослана на површина од 450 m², со 22 систематски полиња и функционира во рамки на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет.

Photobucket

Фотографијата која може да ја видите овде, не е од градината во Скопје. Како изгледа таа, има само еден начин да се дознае! :-) Во контекст на тоа, денес до мене стигна една информација, која може да биде интересна и за возрасните и за децата. Имено, група на индивидуалци и невладини организации решиле да дадат свој придонес во популаризацијата на Ботаничката градина и нејзиното значење, преку организирање на забава токму во неа. КАКТУСАРНИЦА со задоволство ја поздравува иницијативата и упатува поддршка до организаторите. Во таа насока во продолжение ви ја пренесувам информацијата во целост...

Почитувани,
Скопје има прекрасна Ботаничка градина за која 90% од граѓаните не знаат за жал. Неколку индивидуалци и невладини организации се решија конечно да преземат нешто и да ја промовираат оваа градина со едукативно, рекреативно и естетско значење за целата заедница.

Промоцијата ќе се состои од мала коктел забава во недела (4.12.11) во 12 часот во Ботаничката градина. Замислата е сите родители да дојдат со своите деца и да поминат некое време во Ботаничката градина, да дознаат дека постои, да ја запознаат нејзината убавина и да научат нешто повеќе за ендемичните растенија, за Секвојата, за месојадните растенија и слично...

Целиот настан ќе биде надополнет со кловнови и музика за најмладите, но и пијалаци и панел дискусии за повозрасните. Она што ние Ве замолуваме е да бидете поддршка во остварувањето на нашите цели (подигање на јавната свест за постоењето на Ботаничката градина и нејзината потреба во секојдневното живеење).

Се залагаме и се грижиме за  животната средина во Р.М., за културата на Р.М. и што е најважно за децата и студентите на Република Македонија кои досега живееле без да знаат дека постои Ботаничка градина. Ќе имате можност за поставување на банери, слободно ќе можете да извршите анкети и да и се доближите на публиката која се грижи за животната средина, културата и иднината на Република Македонија.

Доколку сте заинтересирани за контакт или средба пишете на овој меил, tamara.kostadinovska@hotmail.com.

Од се‘ срце Ви благодарам, 
Тамара Костадиновска

No comments:

Post a Comment

Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...