Showing posts with label календар. Show all posts
Showing posts with label календар. Show all posts

4/28/2010

Страници

Календар за кактусари(к)и со информации кои се карактеристични за секој месец во годината, како и предходно обајвени записи кои како Корисно четиво ви го препорачувам да ги прочитате доколку одгледувате кактуси и сукуленти, може наједноставно да ги најдете преку страниците погоре со истите наслови.

Кога сте веќе таму, учествувате и во Анкетата на КАКТУСАРНИЦА. :-)

Photobucket

4/02/2009

Календар за кактусари/ки: Април

Со оглед на временските услови кои ги имаме овие денови и она што метеролозите го предвидуваат за периодот што следува, време е (доколку имате услови) Вашите кактуси и други сукуленти да ги пренесете на местата (прозор, тераса, двор…) каде што ги чувате во топлиот период од годината (пролет-лето-есен).

Притоа како што кажав и во Календарот за месец Март, тоа треба внимателно да го направите бидејќи може да дојде до нивно оштетување, односно изгорување од сонцето. Бидејќи за кактусите и сукулентите нема кремови, лосиони или нешто слично за заштита од сонце, моја препорака е кога за прв пат во годината ќе ги изнесете надвор (особено билките кои веќе почнале да растат) еден период да ги оставите во блага сенка, односно постепено да ги привикнувате на сонцето. Ова особено важи за билки кои зимата ја поминале во потполн мрак. И во случај доколку некоја билка сепак се здобие со последици од сонцето, истата пренесете ја на сенка и оштететниот дел за кратко време ќе се залечи.

Photobucket

Полевајте ги умерено и тоа само кога деновиве се сончеви, ако е облачно не ги полевајте. Кај кактусите кои се чуваат во затворени простории (стакленици, фолии...), воздухот е влажен и е потопло, што придонесува кактусите полесно да ги развиваат корењата, а со тоа и побрзо да ја впиваат водата.

Кај билките кои почнале да растат може да се обидете да ги калемите, но тоа треба да го правите само кога е топло и суво. После калемењето, билките треба да ги ставите на топло и суво место во блага сенка, за да може да им се залечат раните и да имаат добри услови за раст. Во втората половина на Април, ако времето е сончево доколу имате семе, може да го засеете.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

3/09/2009

Календар за кактусари/ки: Март

Март е време кога кактусите и другите сукуленти кои ги чувате дома, треба да почете да ги преместувате на места каде што има повеќе сонце или барем поблиску до прозорците. Изложеноста на поголема светлина продуцира поголема топлина, која пак од друга страна го поттикнува развојот на нивниот корен. Супстратот сеуште се одржува сув.

Ова е период кога временските услови обично дозволуваат кактусите да се преселат на терасите, во дворовите...но тоа треба внимателно да го направите бидејќи може да дојде до нивно оштетување, односно изгорување од сонцето. Бидејќи нема заштитни средства од сонцето наменети за кактуси, моја препорака е кога за прв пат во годината ќе ги изнесете надвор (особено билките кои веќе почнале да растат) еден период да ги оставите во блага сенка. И во случај доколку некоја билка сепак се здобие со последици од сонцето, истата пренесете ја на сенка и оштететниот дел за кратко време ќе се залечи.

Photobucket

Доколку имате посеано кактуси, треба често да ги прегледувате и доколку приметите на површината создавање на некои други култури, ведаш да ги истретирате со раствор од некој фунгицид. Доколку е во прашање некој посериозен напад, треба да го оставите супстратот да се исуши, а засеаните кактуси внимателно да ги препикирате.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

2/08/2009

Календар за кактусари/ки: Февруари

Ова е месец кога кактусите сеуште се во зимски сон. Порано кога се препорачувало да се полеваат, овој месец бил познат како “месец на смртта“ за кактусите. Но, доколку ги почитувате современите препораки (да ги оставите Вашите билки да презимат во сув супстрат), сега таа опасност веќе ја нема. Ако кактусите во овој период ги чувате на собна температура, препорачливо е еднаш месечно да ги освежите со мала количина на вода.

Сето она што беше препорачано во текот на Јануари, важи и за овој месец: “Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.“

Photobucket

Доколку имате можност да ги чувате кактусите во стакленик, ова е период кога кактусите може да ги пресадите. Најголем дел од кактусите во стаклениците во овој период веќе започнуваат да растат и затоа треба почесто ги оросувате или доколку е потребно и да ги полевате. Во стакленици и слични затворени простории постои опасност кактусите кои почнале да растат да изгорат...во тој случај доколку не проветрувате често, треба да почнете со засенување.

Доколку (како мене) имате засеано кактуси, нив треба да ги држите во простории каде има континуирано собна температура.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

1/21/2009

Календар за кактусари/ки: Јануари

Јануари е месец кога кактусите треба да бидат во мирување. Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.

Билките кои се прилагодени на потопли услови, како и кактусите и сукулентите кои растат и цветаат во зима, треба да бидат во топла средина, а супстратот да се одржува умерено влажен.

Билките кои планирате да ги пресадите може да почнете да ги вадите од земја. Притоа, премногу долгите корења треба да ги скратите, а болните делови да ги отстраните. После таа постапка препорачливо е билките да ги оставите два-три дена во топла просторија.

Доколку имате семе, јануари е период кога можете да започнете со сеење.

Сега е време кога можете да направите план за садење, да го утврдите бројот на потребни саксии...

Во слободно време можете да прочитате некоја стручна литература и се разбира да ја посетите мојата КАКТУСАРНИЦА!

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

11/03/2008

Календар за кактусари/ки: Ноември-Декември

Во овој период од годината кактусите и другите сукуленти би требало веќе да бидат во затворен простор, подготвени за зимски сон. Но бидејќи времето се поремети и надвор преку ден има пролетни температури, а и ноќните не се ризично ниски, дел од моите билки се сеуште надвор. Доколку и Вашите сеуште ги чувате надвор, внимавајте на ноќните температури!

Photobucket

Доколку ги чувате билките во подрум, пред да ги сместите таму, треба да искречите, за да ги уништите сите габички кои можат да се пренесат на билките. Не знам зошто, но имам прочитано дека никогаш не смеат во истата просторија да бидат кактуси и компири!?

За кактусите и сукулентите кои се сместени во суви и ладни простории, потребна е само минимална нега. Еднаш неделно може да ги прегледате и доколку воочите некој трулеж, треба веднаш да го отсечете заразениот дел. Таквата билка треба да ја пренесте во топла просторија додека не се залечи раната.

Ова е период кога може да се направи скратување на корењата...извадете ги билките од сакасиите, исчистете го супстратот, скратете ги корењата и оставете ги неколку денови да зараснат раните. Следно што треба да направите е да ги наместите така што ќе внимавате жилите на корењата да не бидат свиткани и да ги пренесете на местото каде што ќе останат до пролет. Секоја билка посебно можете да ја завиткате во хартија и така да ги сместите во некоја кутија, куфер или сл.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

10/02/2008

Календар за кактусари/ки: Октомври

Време е да започнете со пренесување на кактусите и другите сукуленти во затворен простор. Доколку во текот на зимата имате можност да ги чувате во осветлени простории на температури од околу 8°C (што е најдобро), пред пренесувањето во нив оставете ги уште неколку денови во топла просторија за да може супстратот добро да им се исуши.
Истото треба да го направите и ако презимувате билки со оголен корен.

Билките израснати од семе, доколку е можно ставете ги помеѓу прозори и држете ги во спор раст.
Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

9/05/2008

Календар за кактусари/ки: Септември

Бидејќи надвор е сеуште топло и сонцето грее, продолжува растењето на кактусите и другите сукуленти. Некои од нив прецветуваат, а некои сега почнуваат да цветаат.

Ако во втората половина на месецов времето залади, проветрувањето треба да го правите во топлите денови (доколку кактусите ги чувате во затворен простор).

Цветовите кои веќе овенале треба да ги отстраните, бидејќи може да почнат да скапуваат, а трулежот лесно може да се прошири и на телото на билката.

Во топлите денови може уште еднаш да испрскате со фунгицид и инсектицид.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

8/18/2008

Календар за кактусари/ки: Август

Активностите поврзани со одгледувањето на кактуси и другите сукуленти во овој период и не се разликуваат многу од оние кон крајот на Јули.

Половината на Август е последниот рок за калемење на кактусите. Сепак, доколку сте решиле да се обидете да калемите, препорачливо е тоа да го направите порано.

Ова е период кога почнува да се содаваат поволни услови за т.н. есенска сеидба.

Кај оние кактуси кои расцветале, цветовите полека ги снемува, но затоа има се повеќе плодови. Семето може да го соберете, исчистите...штотуку собраното семе најдобро рт'и.

Кактусите сега имаат најубави и најдолги боцки, се појавуваат густи билни влакна...билките созреваат и се подготвуваат за зимски одмор. Тој процес треба да го потпомогнете со проветрување или одгледување на билките (доколку е можно) на отворено.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

7/03/2008

Календар за кактусари/ки: Јули

Во спарните денови (какви што ги имаме деновиве), освен на нас, прилично им е топло и на кактусите. Доколку ги чувате во затворен простор, треба почесто да проветрувате. Супстратот брзо се суши и затоа треба обилно да ги полевате и тоа навечер кога билките не се премногу загреани.

Доколку приметите дека растот на кактусите е успорен, тоа значи дека почнува периодот на летна стагнација. Во тој случај, внимателно со полевањето...во стагнација коренот не работи потполно и лесно може да угине. Во таква ситуација, трулежот (Болести) понекогаш се шири толку многу брзо, што не останува ништо од билката што би можело да се спаси.

Периодот на летна стагнација е време кога можете и да ги пресадувате кактусите и другите сукулентни билки!

Доколку сте посеале кактуси, младите билки се исто така во опасност. Во овој период почнува да делува трулежот на кореновиот врат. Најмногу се загрозени билките кои се посадени на хумусов супстрат. Кога ќе го приметите трулежот, веднаш треба да ги извадите сите билки од садот каде сте ги посеале, да ги оставите малку корењата да се засушат, а доколку постои можност можете да ги ставите неколку дена во ладилник на темепература од 3 до 4°C. Таквите билки, најдобро е да се остават незасадени се додека не залади.

Кога ноќите ќе станат поладни, растењето се обновува. На сите билки им годи кога неколку часа на нив ќе паѓа дожд, особено кога дожот е благ и топол. Силните дождови нема да им направат некој голема штета, освен што ќе ги испрска со земја и дел од неа ќе извади надвор од саксијата.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

6/02/2008

Календар за кактусари/ки: Јуни

И покрај тоа што денес, а според метеролозите и во текот на следните неколку денови времето ќе биде променливо облачно, проследено со грмежи и врнежи, сепак веќе на големо мириса на лето со сончеви денови и топли ноќи. Доколку имате можност (тераса, двор), а сеуште не сте го направиле тоа, време е да ги наградите Вашите билки со полна сончева светлина и свеж воздух.

Јуни е месецот, кога кај дел од кактусите се јавуваат и првите цветови. Постојано се отвораат нови цветови, некои наутро, некои на пладне, а некои попладне.

Сега е најдобро време за сеење (се разбира доколку успеете да најдете семе, со оглед на тоа што и семето е нешто што тешко дека може да го најдете во Македонија) на видови кои се навикнати на потопли услови. Во овој период се постигнува висок степен на р’тење.

За оние поискусните кактусари или оние кои сакаат да се обидат во тоа, Јуни е месец кога може да се продолжи со калемење или прекалемување на веќе калемените билки.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

5/19/2008

Календар за кактусари/ки: Мај

Во овој месец кактусите се во полна вегетација. Вегетационите врвови им се сјајни, кај секоја билка се појавуваат нови боцки, а кај многу од нив и цветови. Доколку некоја билка не расте, треба да го прегледате коренот.

Главна потешкотија во овој месец се честите заладувања. Во тие денови мора многу внимателно да ги полевате кактусите, за да не се случи во период на нагло заладување, супстратот да биде многу влажен. Во текот на тие неколку ладни денови и ноќи може да се случи, доколку има претерана влажност на супстратот да изгинат сите млади жили на коренот. Во тој случај билката ќе престане да расте се додека повторно не се обноват корењата, за што е потребно многу време. Секој ден добиен во текот на пролетта, во есен донесува поголем прираст.

Ова е период кога може да се пикираат младите билки израснати од семе. Кога времето е топло може да се изврши и калемење на млади и стари билки. Со оголед на тоа дека поради променливоста на времето ова е период кога можат да се јават болести, билките треба секојдневно да се контролираат и доколку се воочат знаци на габични болести, веднаш да се прскаат со фунгицид. Никогаш не треба да се прска во време кога билките се загреани од сонцето.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz
Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...