Showing posts with label сеење. Show all posts
Showing posts with label сеење. Show all posts

4/02/2009

Календар за кактусари/ки: Април

Со оглед на временските услови кои ги имаме овие денови и она што метеролозите го предвидуваат за периодот што следува, време е (доколку имате услови) Вашите кактуси и други сукуленти да ги пренесете на местата (прозор, тераса, двор…) каде што ги чувате во топлиот период од годината (пролет-лето-есен).

Притоа како што кажав и во Календарот за месец Март, тоа треба внимателно да го направите бидејќи може да дојде до нивно оштетување, односно изгорување од сонцето. Бидејќи за кактусите и сукулентите нема кремови, лосиони или нешто слично за заштита од сонце, моја препорака е кога за прв пат во годината ќе ги изнесете надвор (особено билките кои веќе почнале да растат) еден период да ги оставите во блага сенка, односно постепено да ги привикнувате на сонцето. Ова особено важи за билки кои зимата ја поминале во потполн мрак. И во случај доколку некоја билка сепак се здобие со последици од сонцето, истата пренесете ја на сенка и оштететниот дел за кратко време ќе се залечи.

Photobucket

Полевајте ги умерено и тоа само кога деновиве се сончеви, ако е облачно не ги полевајте. Кај кактусите кои се чуваат во затворени простории (стакленици, фолии...), воздухот е влажен и е потопло, што придонесува кактусите полесно да ги развиваат корењата, а со тоа и побрзо да ја впиваат водата.

Кај билките кои почнале да растат може да се обидете да ги калемите, но тоа треба да го правите само кога е топло и суво. После калемењето, билките треба да ги ставите на топло и суво место во блага сенка, за да може да им се залечат раните и да имаат добри услови за раст. Во втората половина на Април, ако времето е сончево доколу имате семе, може да го засеете.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

3/09/2009

Календар за кактусари/ки: Март

Март е време кога кактусите и другите сукуленти кои ги чувате дома, треба да почете да ги преместувате на места каде што има повеќе сонце или барем поблиску до прозорците. Изложеноста на поголема светлина продуцира поголема топлина, која пак од друга страна го поттикнува развојот на нивниот корен. Супстратот сеуште се одржува сув.

Ова е период кога временските услови обично дозволуваат кактусите да се преселат на терасите, во дворовите...но тоа треба внимателно да го направите бидејќи може да дојде до нивно оштетување, односно изгорување од сонцето. Бидејќи нема заштитни средства од сонцето наменети за кактуси, моја препорака е кога за прв пат во годината ќе ги изнесете надвор (особено билките кои веќе почнале да растат) еден период да ги оставите во блага сенка. И во случај доколку некоја билка сепак се здобие со последици од сонцето, истата пренесете ја на сенка и оштететниот дел за кратко време ќе се залечи.

Photobucket

Доколку имате посеано кактуси, треба често да ги прегледувате и доколку приметите на површината создавање на некои други култури, ведаш да ги истретирате со раствор од некој фунгицид. Доколку е во прашање некој посериозен напад, треба да го оставите супстратот да се исуши, а засеаните кактуси внимателно да ги препикирате.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

2/08/2009

Календар за кактусари/ки: Февруари

Ова е месец кога кактусите сеуште се во зимски сон. Порано кога се препорачувало да се полеваат, овој месец бил познат како “месец на смртта“ за кактусите. Но, доколку ги почитувате современите препораки (да ги оставите Вашите билки да презимат во сув супстрат), сега таа опасност веќе ја нема. Ако кактусите во овој период ги чувате на собна температура, препорачливо е еднаш месечно да ги освежите со мала количина на вода.

Сето она што беше препорачано во текот на Јануари, важи и за овој месец: “Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.“

Photobucket

Доколку имате можност да ги чувате кактусите во стакленик, ова е период кога кактусите може да ги пресадите. Најголем дел од кактусите во стаклениците во овој период веќе започнуваат да растат и затоа треба почесто ги оросувате или доколку е потребно и да ги полевате. Во стакленици и слични затворени простории постои опасност кактусите кои почнале да растат да изгорат...во тој случај доколку не проветрувате често, треба да почнете со засенување.

Доколку (како мене) имате засеано кактуси, нив треба да ги држите во простории каде има континуирано собна температура.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

1/21/2009

Календар за кактусари/ки: Јануари

Јануари е месец кога кактусите треба да бидат во мирување. Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.

Билките кои се прилагодени на потопли услови, како и кактусите и сукулентите кои растат и цветаат во зима, треба да бидат во топла средина, а супстратот да се одржува умерено влажен.

Билките кои планирате да ги пресадите може да почнете да ги вадите од земја. Притоа, премногу долгите корења треба да ги скратите, а болните делови да ги отстраните. После таа постапка препорачливо е билките да ги оставите два-три дена во топла просторија.

Доколку имате семе, јануари е период кога можете да започнете со сеење.

Сега е време кога можете да направите план за садење, да го утврдите бројот на потребни саксии...

Во слободно време можете да прочитате некоја стручна литература и се разбира да ја посетите мојата КАКТУСАРНИЦА!

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

1/14/2009

Засеаните кактуси наполнија 6 месеци

Полека но сигурно, Бебињата кактуси си растат и веќе наполнија 6 месеци.

Досега беа во затворен простор, но бидејќи приметив дека неколку од нив врз кои паѓале какпи од водата веќе се расипале или покажуваат знаци на скапување, решив да ги отворам и да ги оставам да растат на собна температура.

Денеска направив една фотографија...ќе приметите и еден денар, за да имате појасна слика за нивната големина :-)

Photobucket

11/08/2008

Млади дечки

Се сеќавате ли на бебињата кактуси? Ако после еден месец почнаа да ги покажуваат првите боцки, сега после четири месеци тие веќе се млади дечки кои пројавуваат желба и да боцкаат.

Photobucket

Во меѓувреме пред повеќе од еден месец, бидејќи на површината на супстратот во кој ги посеав покрај нив почна да се развива и друга зелена култура, направив уште еден експеримент...во таа фаза ги пресадив во друг супстрат. Операцијата ја извршив со пинцета и можам да кажам дека заврши многу успешно...жртви беа само неколку од нив...во моментов ги има осумдесетина и сите добро напредуваат.

Супстратот во кој сега растат е оној класичен кој го користам за сите кактуси и сукуленти. Садот е од сладолед...од капакот е исечен средниот дел, а за да биде затворен просторот и воедно да има повеќе воздух внатре, со него е прицврстена најлон кеса.

Photobucket

8/18/2008

Календар за кактусари/ки: Август

Активностите поврзани со одгледувањето на кактуси и другите сукуленти во овој период и не се разликуваат многу од оние кон крајот на Јули.

Половината на Август е последниот рок за калемење на кактусите. Сепак, доколку сте решиле да се обидете да калемите, препорачливо е тоа да го направите порано.

Ова е период кога почнува да се содаваат поволни услови за т.н. есенска сеидба.

Кај оние кактуси кои расцветале, цветовите полека ги снемува, но затоа има се повеќе плодови. Семето може да го соберете, исчистите...штотуку собраното семе најдобро рт'и.

Кактусите сега имаат најубави и најдолги боцки, се појавуваат густи билни влакна...билките созреваат и се подготвуваат за зимски одмор. Тој процес треба да го потпомогнете со проветрување или одгледување на билките (доколку е можно) на отворено.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

7/29/2008

Бебињата имаат боцки

Три недели по сеењето бебињата кактуси одлично напредуваат. Нивниот број се зголеми и веќе се околу 90, а од преостанатите семки и понатаму изртуваат нови.

И во оваа фаза не личат на кактуси, но најголемиот дел од нив веќе ги покажаа првите боцки.

Photobucket

Photobucket

7/15/2008

Бебиња кактуси

Бидејќи имав среќа да најдам неколку кесички семе од кактуси, во изминатите неколку месеци направив и неколку експерименти. Станува збор за микс на семиња од различни видови на кактуси и немам појма што се ќе излезе од нив. Експериментирам со засејување во различни средини (супстрат, сад, влажност, далбочина на посејување...).

Последниот експеримент го направив пред точно една недела и како што засега се одвиваат работите ќе биде најуспешен. Во однос на предходните и неможам да се пофалам со којзнае какви резултати, но овојпат за само една недела изртеа повеќе од 60% од семињата и сеуште изртуваат нови...што е нормално бидеќи станува збор за микс во кој има различни видови на кои им треба различно време за да изртат.

Супстратот кој го користев е мешавина 50% FLORAFIN-универзален супстрат и 50% многу ситен песок (од речни наноси). Семињата претходно запрашени со фунгицид, се засеани на површината (без затрупување) од супстратот.

Еве како сето тоа изгледа после една недела...има седумдесетина (како што ги нарекува внук ми) бебиња кактуси.

Photobucket

Photobucket

Photobucket

Ќе Ве update-увам во иднина како што ќе напредуваат.

7/03/2008

Календар за кактусари/ки: Јули

Во спарните денови (какви што ги имаме деновиве), освен на нас, прилично им е топло и на кактусите. Доколку ги чувате во затворен простор, треба почесто да проветрувате. Супстратот брзо се суши и затоа треба обилно да ги полевате и тоа навечер кога билките не се премногу загреани.

Доколку приметите дека растот на кактусите е успорен, тоа значи дека почнува периодот на летна стагнација. Во тој случај, внимателно со полевањето...во стагнација коренот не работи потполно и лесно може да угине. Во таква ситуација, трулежот (Болести) понекогаш се шири толку многу брзо, што не останува ништо од билката што би можело да се спаси.

Периодот на летна стагнација е време кога можете и да ги пресадувате кактусите и другите сукулентни билки!

Доколку сте посеале кактуси, младите билки се исто така во опасност. Во овој период почнува да делува трулежот на кореновиот врат. Најмногу се загрозени билките кои се посадени на хумусов супстрат. Кога ќе го приметите трулежот, веднаш треба да ги извадите сите билки од садот каде сте ги посеале, да ги оставите малку корењата да се засушат, а доколку постои можност можете да ги ставите неколку дена во ладилник на темепература од 3 до 4°C. Таквите билки, најдобро е да се остават незасадени се додека не залади.

Кога ноќите ќе станат поладни, растењето се обновува. На сите билки им годи кога неколку часа на нив ќе паѓа дожд, особено кога дожот е благ и топол. Силните дождови нема да им направат некој голема штета, освен што ќе ги испрска со земја и дел од неа ќе извади надвор од саксијата.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz
Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...