Showing posts with label температура. Show all posts
Showing posts with label температура. Show all posts

2/02/2011

Кактусите и сукулентите во февруари

Февруари е месец кога кактусите сеуште се во зимски сон.

Порано кога се препорачувало кактусите да се полеваат, овој месец бил познат како месец на смртта“. Но, доколку ги почитувате современите препораки (да ги оставите Вашите билки да презимат во сув супстрат), сега таа опасност веќе ја нема.

Ако кактусите во овој период ги чувате на собна температура, препорачливо е еднаш месечно да ги освежите со мала количина на вода.

Повеќе може да прочитате во Календар за кактусар(к)и.

1/18/2011

Кактусите и сукулентите во јануари

Јануари е месец кога кактусите треба да бидат во мирување. Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C.

Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.

Билките кои се прилагодени на потопли услови, како и кактусите и сукулентите кои растат и цветаат во зима, треба да бидат во топла средина, а супстратот да се одржува умерено влажен.

Повеќе може да прочитате во Календар за кактусар(к)и.

10/05/2010

Температурите паѓаат, време е за преселба

Метеоролозите најавуваат дека интензивниот дожд ќе подолжи да врне и утре, до четврток, по што доаѓа засилен северен ветер, а во сабота се очекува утринските температури да паднат и до -3 °C во некои делови од државава.

Тоа значи дека е време да започнете со пренесување на вашите кактуси и другите сукуленти во затворен простор...

Photobucket

Што друго треба да направите може да прочитате во Календар за кактусар(к)и

2/01/2010

“Месец на смртта“

Февруари е месец кога кактусите сеуште се во зимскиот сон. Порано кога се препорачувало да се полеваат, овој месец бил познат како “месец на смртта“ за кактусите. Но сега, доколку ги почитувате современите препораки (да ги оставите Вашите билки да презимат во сув супстрат), таа опасност веќе ја нема. Ако ги чувате кактусите на собна температура, препорачливо е еднаш месечно да ги освежите со мала количина на вода.

Photobucket

Повеќе за активности карактеристични за овој период од годината може да прочитате во Календарот за кактусари/ки за месец Февруари.

1/14/2010

Мирување

Јануари е месец кога кактусите треба да бидат во мирување. Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите.

Повеќе може да прочитате во Календарот за кактусари/ки: Јануари.

Photobucket

10/13/2009

Време е за преселба

Се остварија прогнозите на метеролозите...после вчерашниот убав сончев ден, денеска се случи драстично намалување на температурите. Доколку вашите кактуси и сукуленти се на отворено, ова е моментот кога треба сериозно да почнете да размислувате за нивно преселување во затворен простор.

Како преодно решение пред сериозно да завладeат зимата и ниските температури, може да ви се најде и некоја ваква мини стаклена градина.

Photobucket

Повеќе за тоа што треба да направите за вашите миленици во овој период од годината, може да прочитате во Календарот за кактусари/ки за месец Октомври.

3/27/2009

Општи совети за растенијата во домот

Деновиве имав повеќе работни обврски па малку ја запоставив КАКТУСАРНИЦАта. Денеска имам порелаксиран ден и за малку подоцна Ви најавувам претставување на еден интересен кактус.

Во меѓувреме, разгледувајќи ги денешните весници налетав на интересен текст во Вечер, во кој може да се најдат корисни совети за одгледување на собните билки. Како што кажува и самиот наслов, советите се општи и најголемиот дел од нив може да Ви користат и при одгледувањето на кактуси и други сукулентини билки.

Затоа Ви препорачувам да го прочитате!

Photobucket

Многу истражувања укажуваат на тоа дека за растенијата да се развиваат здраво, потребно им е внимание, зборување, и чување како и на секое милениче. За возврат го разубавуваат нашиот живот.

Собните билки кои се чуваат во становите се главно жители на тропските предели, па затоа најважно пред се е да и се најде соодветно место во станот на кое ќе има доволно светлина. Нежните билки не поднесуваат силна сончева светлина, па на тоа треба да се обрне посебно внимание.

Набавете доволно голема саксија, и секогаш раководете се според величината на билката бидејќи ниту преголема саксија нема да одговара. Во саксијата ставете здрава, квалитетна земја која ќе и овозможи на водата, минералите и воздухот да кружат околу коренот. Билките кои одамна не се пресадени редовно потхранувајте ги со ѓубриво.

Залевањето на билката зависи од количината на светлина која ја добива, видот на растението, температурата, велчината на саксијата и друго. Најдобар начин да проверите е со прст да ја проверите влажноста на земјата. Стручњаците советуваат да не се користи вода од чешма туку да се остави таа да отстои најмалку 24 часа. Во водата додадете јаболков оцет бидејќи така растението полесно ги апсорбира хранливите материи. Повремено се препорачува да се користи вода во која претодно се варени јајца, зеленчук, како и талогот од кесичка чај бидејќи е богат со хранливи материи.

Земјата повремено посипувајте ја со пепел или мелени коски кои се природен извор на минерали и не ја сушат билката како што тоа го прават синтетичките ѓубрива.

Просторијата во која се наоѓаат билките треба да се проветрува заради циркулација на воздухот.

2/08/2009

Календар за кактусари/ки: Февруари

Ова е месец кога кактусите сеуште се во зимски сон. Порано кога се препорачувало да се полеваат, овој месец бил познат како “месец на смртта“ за кактусите. Но, доколку ги почитувате современите препораки (да ги оставите Вашите билки да презимат во сув супстрат), сега таа опасност веќе ја нема. Ако кактусите во овој период ги чувате на собна температура, препорачливо е еднаш месечно да ги освежите со мала количина на вода.

Сето она што беше препорачано во текот на Јануари, важи и за овој месец: “Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.“

Photobucket

Доколку имате можност да ги чувате кактусите во стакленик, ова е период кога кактусите може да ги пресадите. Најголем дел од кактусите во стаклениците во овој период веќе започнуваат да растат и затоа треба почесто ги оросувате или доколку е потребно и да ги полевате. Во стакленици и слични затворени простории постои опасност кактусите кои почнале да растат да изгорат...во тој случај доколку не проветрувате често, треба да почнете со засенување.

Доколку (како мене) имате засеано кактуси, нив треба да ги држите во простории каде има континуирано собна температура.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

1/21/2009

Календар за кактусари/ки: Јануари

Јануари е месец кога кактусите треба да бидат во мирување. Ако ги чувате во ладна просторија, треба да внимавате температурата да не падне под критичната точка, која за најголем дел од нив се движи од 3 до 5°C. Во деновите кога не е екстремно ладно може да проветрите. Препорачливо е еднаш неделно да ги прегледате сите билки и доколку приметите трулеж, нападнатата билка веднаш да ја изолирате и да и дадете соодветна нега. Кај кактусите и сукулентите кои се чуваат во топли простории постои поголема опасност од напад на разни штетници. Во таков случај треба ведаш да се делува и штетниците да се уништат.

Билките кои се прилагодени на потопли услови, како и кактусите и сукулентите кои растат и цветаат во зима, треба да бидат во топла средина, а супстратот да се одржува умерено влажен.

Билките кои планирате да ги пресадите може да почнете да ги вадите од земја. Притоа, премногу долгите корења треба да ги скратите, а болните делови да ги отстраните. После таа постапка препорачливо е билките да ги оставите два-три дена во топла просторија.

Доколку имате семе, јануари е период кога можете да започнете со сеење.

Сега е време кога можете да направите план за садење, да го утврдите бројот на потребни саксии...

Во слободно време можете да прочитате некоја стручна литература и се разбира да ја посетите мојата КАКТУСАРНИЦА!

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

11/03/2008

Календар за кактусари/ки: Ноември-Декември

Во овој период од годината кактусите и другите сукуленти би требало веќе да бидат во затворен простор, подготвени за зимски сон. Но бидејќи времето се поремети и надвор преку ден има пролетни температури, а и ноќните не се ризично ниски, дел од моите билки се сеуште надвор. Доколку и Вашите сеуште ги чувате надвор, внимавајте на ноќните температури!

Photobucket

Доколку ги чувате билките во подрум, пред да ги сместите таму, треба да искречите, за да ги уништите сите габички кои можат да се пренесат на билките. Не знам зошто, но имам прочитано дека никогаш не смеат во истата просторија да бидат кактуси и компири!?

За кактусите и сукулентите кои се сместени во суви и ладни простории, потребна е само минимална нега. Еднаш неделно може да ги прегледате и доколку воочите некој трулеж, треба веднаш да го отсечете заразениот дел. Таквата билка треба да ја пренесте во топла просторија додека не се залечи раната.

Ова е период кога може да се направи скратување на корењата...извадете ги билките од сакасиите, исчистете го супстратот, скратете ги корењата и оставете ги неколку денови да зараснат раните. Следно што треба да направите е да ги наместите така што ќе внимавате жилите на корењата да не бидат свиткани и да ги пренесете на местото каде што ќе останат до пролет. Секоја билка посебно можете да ја завиткате во хартија и така да ги сместите во некоја кутија, куфер или сл.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

10/02/2008

Календар за кактусари/ки: Октомври

Време е да започнете со пренесување на кактусите и другите сукуленти во затворен простор. Доколку во текот на зимата имате можност да ги чувате во осветлени простории на температури од околу 8°C (што е најдобро), пред пренесувањето во нив оставете ги уште неколку денови во топла просторија за да може супстратот добро да им се исуши.
Истото треба да го направите и ако презимувате билки со оголен корен.

Билките израснати од семе, доколку е можно ставете ги помеѓу прозори и држете ги во спор раст.
Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

8/15/2008

Повеќе течности

Во овие пеколни горештини докторите советуваат да седиме на сенка и да конзумираме повеќе течности. Кактусите и другите сукуленти не треба да бидат на сенка, но повеќе вода дефинтивно им треба. За разлика од другите цвеќиња, доколку не ги полевате почесто тие нема да се исушат, но тоа негативно ќе се одрази на нивната свежина и прирастот.

Photobucket

Поради високите температури водата испарува многу брзо...затоа внесувајте повеќе течности и полевајте ги Вашите кактуси почесто! Ако се изложени директно на сонце и полевање на 2-3 дена добро ќе им дојде.

И не заборавајте...полевајте само навечер или рано наутро!

6/25/2008

Корисни совети

Текстот во продолжение бил објавен во 2006 година во Дневник, под наслов Кактусите не треба да ги полевате често! За голем дел од работите веќе имавте можност да прочитате во мојата КАКТУСАРНИЦА®, но повторувањето нели е мајка на знаењето. Во текстот (во кој има и по некоја нејаснотија и грешка) може да најдете и многу корисни совети!
Кога купувате кактуси и сукуленти проверете дали растенијата во саксиите се цврсти, затоа што може коренот да биде оштетен!

Кактусите се лесни за одгледување, а ако ги негувате правилно, се вечни.

Иако сите кактуси се сукуленти, сите сукуленти - растенија со месести листови, не се кактуси. Кактусите и сукулентите главно припаѓаат на две фамилии Cactaceae и Crassulaceae, иако некои припаѓаат и на фамилиите Liliaceae и Amarylliaceae. Од главните родови кактуси, видовите на родот Cereus се високи и исправени, а од топчестите видови најпознати се мамилариите (Mammillaria). Лопатестите видови се со најмногу боцки и припаѓаат на родот Echinocactus. Бодликавите крушки, кои често ги гледаме на филмовите од Дивиот запад, припаѓаат на родот Opuntia. Овој род многу се одгледува како подлога за калемење многу други видови. Zygocactus или божиќен кактус во ноември цвета и цветовите траат подолго време.

Во фамилијата кактуси (и сукуленти) спаѓаат и многу други родови меѓу кои и алое, агаве и божиќните кактуси. Многу од нив цветаат, иако цветовите им траат многу кратко време. Сукулентите имаат месести листови, многу често со упадлива сива превлака. Може да се набават многу видови, особено од родовите на Crassula, Euphorbia, Echeveria. Многу од нив и цветаат. Euphorbia опфаќа и многу други обични собни видови како што се поансециите (Poinsettia!?) и кротоните (Crotonoideae). Еден од најпознатите видови сукуленти од родот на Euphorbia (млечка) е видот Euphorbia splendes, која има боцки и црвени брактеи, а потекнува од Мадагаскар.

Photobucket
Crassula ovata

Photobucket
Euphorbia lactea
Родот Crassula исто така содржи многу видови меѓу кои и Crassula argetea (!?), кој што може да израсне во разгранете грмушка висока и 1 m.

Она што е важно кога купувате кактуси и сукуленти е да проверите дали растенијата во саксиите се цврсти, затоа што може да се случи коренот да биде оштетен. Растенијата не смеат да имаат траги од оштетувања и да бидат скапани.

Им треба силна светлина!

Големината на растенијата зависи од видот и може да бидат многу мали, но може да достигнат височина и од 2 м дури и како собно растение. Растат многу бавно, а кај некои скоро и да не се забележува напредок во тек на една година. Цветаат во пролет и лето, а цветовите траат само еден ден или нешто подолго. Растенијата се без мирис. Потребно им е многу светло и добро успеваат на прозорец на јака сончева светлина. Летно време поднесуваат многу топло. Во зима чувајте ги на поладно место, но не на температура пониска од 5 до 7 Целзиусови степени. Летно време полевајте ги неколкупати неделно. Во зима еднаш месечно. Им одговара сув и топол воздух, но во лето испрскајте ги листовите или полејте ги целосно растенијата со вода за да бидат чисти. Не ги пресадувајте многу почесто од што е потребно. Доволно е на 3 до 4 години еднаш (кога се во прашање поголеми билки). Кактусите се вечни растенија ако во зима не се полеваат премногу па да скапат. Ова се лесни растенија за одгледување дури и за почетниците.

Совет: Ако растението е потемнето и гние при основата, значи дека премногу го полевате. Во овој случај најчесто нема спас за растението. Површината на растението е набрана и тоа има изгубено цврстина - премногу е суво. Полевајте го растението обилно. Ако не се развиваат цветови кај оние видови што обично цветаат - тоа е знак дека зимно време сте ги чувале на претопло место. Кактусите растат многу бавно, а сукулентите се навалуваат кон прозорецот. Ако нема доволно светло, преместете ги на посветло. Боцките од кактусите може да бидат многу болни и да ја надразнуваат кожата. Додека работите со нив, секогаш користете ракавици. Големите боцки може веднаш да се отстранат со рака, а ситните боцки и иритирачките влакненца може да се отстранат само со постојано плакнење со многу топла вода и со сапун.

6/03/2008

Индиска смоква

Кактусот од случајот “Изеден кактус“ е еден вид од родот Opuntia. Овие кактуси можат да се сретнат и под името индиска смоква, бодликава круша или свекрвин јазик. Opuntia-та е кактус кој се јаде и може да се најде на менито на луѓето, а не само на менито на козите и желките како во предходниот случај. :-) Најчесто тоа е видот Opuntia ficus-indica. За ручек, во текот на летото овој кактус ги нуди своите цветови, во есен зрелите плодови, а меснатото стебло во текот на цела година. Најчесто

Оваа “бодликава убавица“ пристигнала во медитеранскиот дел на Европа во XVI век од Мексико, каде уште тогаш се одгледувала за исхрана. Кај нас може да се сретне, освен во саксии и во дворовите, бидејќи спаѓа во групата на кактуси кои опстојуваат и на ниски температури.

Opuntia-та спаѓа во групата на кактуси-грмушки. Стеблата им се составени од елиптични, сплескани и меснати делови, кои често се големи и до половина метар. Розеви или жолти крупни цветови со бројни латици се развиваат по горниот раб на гранката во периодот од мај до јули. Во есен созреваат големи како јајце, сочни, црвени, жолти или розеви плодови, кои како и целата билка се обраснати со бодликави влакна.

Photobucket

Photobucket

Месото од зрели плодови е вкусно, слатко-киселкасто, сочно и се јаде сирово. При берењето и користењето треба да се внимава на боцките на кората на плодот. Најдобро е да се берат со ракавици, потоа плодот да се зареже по должината и да се извади сочниот и мек дел. Од плодовите може да се прави џем и мармалад.

Photobucket

Photobucket

Стеблото може да се пече на скара, како шницли (при печењето боцките се отстрануваат), додека цветовите се подготвуваат како шпаргла.

Пријатен ручек!

5/16/2008

Полевање

Не постои едноставен рецепт за тоа колку треба да се полеваат кактусите и колку често да се прави тоа. Тоа го одредуваат разновидните фактори на средината во која се наоѓаат, но и други фактори кои ги одредуваат потербите на билките. Тука спаѓаат:

- сезоната;
- климата;
- температурата на воздухот;
- големината на билката;
- вид на земјата (супстратот);
- ветровите.

Меѓутоа имајте на ум дека, за разлика од тоа што другите билки зависат од летните и зимски дождови, ниту кактусите, ниту пак другите сукуленти сакаат влажна земја, односно супстрат кадешто дренажата не е добра.

За време на зимските месеци, кога има малку светлост, кактусите и сукулентите треба да се полеваат само толку колку да не овенат. Ако на кактусите им е обезбедено зимско мирување (температура од 5-8°C или 5-10°C), не треба да се полеваат од ноември до март.

Иако не е тешко да се совлада уметноста на полевање на кактусите, сепак е потребно мало експериментирање и внимателно надгледување. Златно правило е “што помалку, тоа подобро“. Можеби понекогаш билките ќе “патат“ поради недостаток на вода, но нема да угинат. Инаку, кога полевате тоа нека биде обилно. Водата треба да истече од дупките, а тацната треба да се испразни после неколку минути (кактусите не сакаат “мокри нозе“). Ако се полеваат повеќе пати по малку, тоа доведува до неправилен раст. Како што во пролет се зголемува количеството на светлина, така и билките бараат повеќе вода. Меѓутоа, многу е битно да се има во предвид дека земјата треба да се исуши помеѓу две полевања.

Полевањето “капка по капка“ треба да трае од 2-6 часа во зависност од големината на билката. Овој начин на полевање изгледа дека им одговара на кактусите бидејќи не се изложуваат на стрес и растат рамномерно. Постарите билки имаат повеќе место за складирање на вода, такашто треба поретко да се полеваат.

Кактусите кои се штотуку посадени не треба да се полеваат. По пресадувањето билките не треба да се полеваат најмалку една недела, на тој начин им се дава време да ги залечат корењата пред да се изложат на вода.

На повисоки температури потребно е почесто залевање, а на пониски поретко.

Извор: CactusInfo

5/14/2008

Кактуси, основни информации

Според изгледот, кактусите целосно се разликуваат од билките кои се околу нас и на кои сме навикнале. Тие на некој начин делуваат вонземно. Наместо гранки и листови имаат само меснато стебло, а листовите им се преобразени во боцки и влакненца чијашто улога е одбрамбена: од пресилното сонце или животните. Процесот на фотосинтенза се одвива во стеблото. Во зависност од видот, цветаат во различни периоди од годината, но најголем дел од нив цветаат во пролет. Цветовите им траат од неколку часови до 10-12 денови, во зависност од видот.

Photobucket

Секој што ги одгледува или планира да започне со одгледување на кактуси, мора да ги има овие неколку основни информаци.

Важно е да имаме здрави, убави билки, способни за цветање, репродукција и долг живот. Затоа треба да им обезбедиме што пооптимални услови. Особено битни се четири услови за тоа: топлина, количина на светлина, состав на земјата (супстрат) и режим на полевање.

Кактусите сакаат топлина, но најголем дел од нив сепак сакаат благо засенување. Бидејќи им годи престојот на отворен простор, во текот на летото ги изнесуваме надвор, притоа обезбедуваме заштита од дожд, бидејќи поројните дождови можат да го исфрлат супстратот од саксијата. Од друга страна, долготрајните дождови и летните заладувања кои траат повеќе денови, можат штетно да делуваат на нив.

Кактусите не сакаат “мокри нозе“. Супстратот мора да биде водопропустлив, односно исцедлив. Затоа секогаш во супстратот, освен тресет и шумска земја, се додава и околу 30% испран песок и изситнета цигла (1-5 mm). Кактусите ги садиме во мали, плитки, пластични саксии, темносиви (најдобро) или црни. Провидните и белите треба да се избегнуваат. Се разбира, во предвид доаѓаат и керамички или украсни, само да не бидат преголеми. Младите билки ги пресадуваме секоја година, а постарите секоја втора година и тоа во февруари, пред почетокот на вегетацијата, или на крајот на јули, во време на летната стагнација на прирастот.

Пред садењето, билките не ги полеваме 7-8 дена, ги вадиме од старите саксии и го истресуваме стариот супстрат. Оштетените корени ги скратуваме и при повторното садење внимаваме врвовите на корењата да не бидат свртени нагоре. Ако е потребно билките ги пресадуваме во еден број поголеми саксии и тоа само ако бликата ги надраснала надворешните димензии на саксијата. Супстратот благо го притискаме или само ја стресуваме саксијата. Пресадените билки не ги полеваме во следните 5-7 дена.

Во зима кактусите треба да бидат сместени во светли простории со температура од 5-8°C. Ако во текот на зимата кога има сончеви денови, се случи температурата да надмине 15°C, треба да ги отвориме прозорите и да проветриме. Доколку кактусите во текот на зимата престојуваат во простории со температура од 5-8°C, не ги полеваме воопшто од октомври па се до почетокот на март. Доколку кактусите се држат во дневната соба, треба да се приближат до јужниот или источниот прозор и еднаш на 20-30 денови да им додаваме една до две лажици вода за малите, односно половина филџан за големите кактуси. Ако ги полеваме со поголема количина на вода, ќе почнат да растат. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи поради недоволната количина на светлина ќе дојде до нивна деформација.

Во пролет кактусите ги будиме со оросување со млака вода, најмалку 2-3 пати во период од еден до два дена, во зависност од температурата, па дури потоа обилно ги полеваме со вода. И оросувањето и полевањето се прават наутро до 9 часот, за да можат билките до крајот на денот да се исушат, а супстратот да се процеди. Пролетните полевања се поретки, на 7-10 денови, летните на 4-7 денови, а во есен повторно се проретчуваат, на 10-15 денови.

Сите билки, па и кактусите имаат период на мирување. За најголем дел од нив, тоа е времето од октомври до март.

Извор: Svet Biljaka
Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...