Showing posts with label супстрат. Show all posts
Showing posts with label супстрат. Show all posts

3/02/2011

Кактусите и сукулентите во март

Март е време кога кактусите и другите сукуленти кои ги чувате дома, треба да почете да ги преместувате на места каде што има повеќе сонце или барем поблиску до прозорците.

Изложеноста на поголема светлина продуцира поголема топлина, која пак од друга страна го поттикнува развојот на нивниот корен. Супстратот сеуште се одржува сув.

Повеќе може да прочитате во Календар за кактусар(к)и.

5/04/2010

Супстрат за кактуси во Реплек Хубо Маркет

Одгледувачите на кактуси и сукуленти претежно сами си го подготвуваат супстратот. За целосно да се задоволат потребите на сите кактуси и сукуленти, треба да се направат многу различни мешавини, што не е ни малку практично. Најчесто тоа се решаваа со подготовка на еден “стандарден“ супстрат кој се користи за сите билки.

Бидејќи секој не е во можност да направи своја мешавина, во светот може да се купат и готови супстрати со различна содржина и од различни производители. Вчера за првпат имав можност да видам еден таков микс и овде во Македонија. Може да го најдете во Реплек Хубо Маркет. Станува збор за Valentin земја за кактуси, производ на Семенарна од Љубљана. Содржи: тресет, компостирана кора од дрво, песок и глина. Пакување од 5 литри може да се купи за 88 денари.

Photobucket

3/17/2010

Пресадување

Ова е период кога може да ги пресадите вашите кактуси (јас денес пресадив еден :-)) и сукуленти...како да го направите тоа имате можност да научите од вечерашната Видео лекција...

1/19/2010

Шопинг

Среќно семејство кактуси во набавка на супстрат...

Photobucket

3/27/2009

Општи совети за растенијата во домот

Деновиве имав повеќе работни обврски па малку ја запоставив КАКТУСАРНИЦАта. Денеска имам порелаксиран ден и за малку подоцна Ви најавувам претставување на еден интересен кактус.

Во меѓувреме, разгледувајќи ги денешните весници налетав на интересен текст во Вечер, во кој може да се најдат корисни совети за одгледување на собните билки. Како што кажува и самиот наслов, советите се општи и најголемиот дел од нив може да Ви користат и при одгледувањето на кактуси и други сукулентини билки.

Затоа Ви препорачувам да го прочитате!

Photobucket

Многу истражувања укажуваат на тоа дека за растенијата да се развиваат здраво, потребно им е внимание, зборување, и чување како и на секое милениче. За возврат го разубавуваат нашиот живот.

Собните билки кои се чуваат во становите се главно жители на тропските предели, па затоа најважно пред се е да и се најде соодветно место во станот на кое ќе има доволно светлина. Нежните билки не поднесуваат силна сончева светлина, па на тоа треба да се обрне посебно внимание.

Набавете доволно голема саксија, и секогаш раководете се според величината на билката бидејќи ниту преголема саксија нема да одговара. Во саксијата ставете здрава, квалитетна земја која ќе и овозможи на водата, минералите и воздухот да кружат околу коренот. Билките кои одамна не се пресадени редовно потхранувајте ги со ѓубриво.

Залевањето на билката зависи од количината на светлина која ја добива, видот на растението, температурата, велчината на саксијата и друго. Најдобар начин да проверите е со прст да ја проверите влажноста на земјата. Стручњаците советуваат да не се користи вода од чешма туку да се остави таа да отстои најмалку 24 часа. Во водата додадете јаболков оцет бидејќи така растението полесно ги апсорбира хранливите материи. Повремено се препорачува да се користи вода во која претодно се варени јајца, зеленчук, како и талогот од кесичка чај бидејќи е богат со хранливи материи.

Земјата повремено посипувајте ја со пепел или мелени коски кои се природен извор на минерали и не ја сушат билката како што тоа го прават синтетичките ѓубрива.

Просторијата во која се наоѓаат билките треба да се проветрува заради циркулација на воздухот.

3/09/2009

Календар за кактусари/ки: Март

Март е време кога кактусите и другите сукуленти кои ги чувате дома, треба да почете да ги преместувате на места каде што има повеќе сонце или барем поблиску до прозорците. Изложеноста на поголема светлина продуцира поголема топлина, која пак од друга страна го поттикнува развојот на нивниот корен. Супстратот сеуште се одржува сув.

Ова е период кога временските услови обично дозволуваат кактусите да се преселат на терасите, во дворовите...но тоа треба внимателно да го направите бидејќи може да дојде до нивно оштетување, односно изгорување од сонцето. Бидејќи нема заштитни средства од сонцето наменети за кактуси, моја препорака е кога за прв пат во годината ќе ги изнесете надвор (особено билките кои веќе почнале да растат) еден период да ги оставите во блага сенка. И во случај доколку некоја билка сепак се здобие со последици од сонцето, истата пренесете ја на сенка и оштететниот дел за кратко време ќе се залечи.

Photobucket

Доколку имате посеано кактуси, треба често да ги прегледувате и доколку приметите на површината создавање на некои други култури, ведаш да ги истретирате со раствор од некој фунгицид. Доколку е во прашање некој посериозен напад, треба да го оставите супстратот да се исуши, а засеаните кактуси внимателно да ги препикирате.

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

2/18/2009

Супстрат за кактуси и сукуленти

Преку оваа Видео лекција, од веќе добро познатата кактусарка-експерт ќе добиете совети како да подготвите супстрат (земја, мешавина за садење) за Вашите кактуси и други сукулентни билки.

6/26/2008

Старите добри весници

Доколку сакате да пресадите некој од Вашите боцкави миленици, а немате ракавици...решението е во старите весници!

Одиме со ред...

Photobucket

Чекор 1: Доколку новата саксија е со поголемо дупче како на сликата...за да не испаѓа супстратот, покријте го со парче мрежа, камче или сличен предмет.

Photobucket

Чекор 2: Покријте го дното на саксијата со малку супстрат.

Photobucket

Чекор 3: Тука доаѓа до израз стариот весник (се разбира може и нов) :-)...

Photobucket

Чекор 4: Притиснете ја саксијата за да се одлепи супстратот. Држете го весникот цврсто околу кактусот и полека извадете го кактусот од саксијата.

Photobucket

Чекор 5: Ставете го полека кактусот во новата саксија, притоа внимавајќи да биде на средината.

Photobucket

Чекор 6: Дополнете ја саксијата со супстрат.

Photobucket

Чекор 7: Натапкајте го малку супстратот.

Photobucket

Чекор 8: На крајот, за попривлечен изглед може да ставите и камчиња околу кактусот.

Photobucket

Чекор 9: Како што веќе пишував, кактусите не треба да се полеваат веднаш по пресадувањето. Почекајте неколку денови (5-7). Се разбира со малку вода може да ја измиете нечистотијата која произлегла од пресадувањето.

Ако ги пренесувате кактусите...старите весници можат да се искористат и во тој случај...

Photobucket

Во случајов весниците го заштитуваат кактусот да не се оштети од неговите боцки...ептен практично!

5/29/2008

Супстрат

Супстратот, односно земјата за кактуси и сукуленти е малку потешка тема. Тоа е така бидејќи различни видови на кактуси и сукуленти бараат и различна содржина на супстратот. Во светот може да се купат и готови мешавини, но за жал кај нас не може да си приуштите такво задоволство или барем јас досега немам сретнато нешто слично низ цвеќарниците во Македонија.
PhotobucketPhotobucket

Сепак за вистинските одгледувачи на кактуси далеку поголемо е задоволството доколку сами да си го подготвуваат супстратот. За целосно да се задоволат потребите на сите кактуси и сукуленти, треба да се направат многу различни супстрати, што не е ни малку практично. Одгледувачите најчесто тоа го решаваат со подготовка на еден “стандарден“ супстрат кој го користат за сите свои билки. Секој подготвен супстрат има свои, и добри и лоши страни. Можат да се најдат многу рецепти, но најважно е Вие да ја пронајдете Вашата формула, односно да направите мешавина која најмногу ќе им одговара на Вашите билки. Најбитно е супстратот да биде водопропустлив, односно исцедлив, бидејќи кактусите не сакаат “мокри нозе“.

Photobucket

Значи, експериментирајте...додавајте, одземајте и не заборавајте да ја запишете формулата! :-)

Пред да започнете со подготвка на Вашиот супстрат, еве неколку рецепти кои мислам дека можат да Ви бидат од корист:

Рецепт 1
1/4 земја од бавча
1/4 хумус
1/4 дробена цигла (максимум до 4-5 mm)
1/8 ситен речен песок
1/8 камчиња (2-5 mm)

Рецепт 2
1/4 ливадска иловица
сосема малку хумус (не повеќе од 2-3%)
1/2 крупен кварцен песок
1/4 стар супстрат

Некои одгледувачи во своите мешавини ставаат и морска пена, перлит, иситнет гранит и слични материјали. Супстратот кој јас во моментов го користам го подготвувам по следниот рецепт:

1/3 земја од бавча збогатна со арско ѓубриво
1/3 FLORAFIN-универзален супстрат, кој може да го најдете во цвеќарниците
1/6 песок со гранулација 2-3 mm
1/6 многу ситен песок (од речни наноси)
сосема малку дробена цигла (стара, полна цигла).

Доколку и Вие имате свој рецепт и сакате да го споделите...повелете, слободно можете да дадете Ваш придонес во збогатување на содржините во мојата КАКТУСАРНИЦА!

5/26/2008

Размножување

Дали некогаш сте се запрашале кој е најдобриот начин за успешно размножување на кактусите и другите сукуленти? Најчести начини на размножување се:
- со режење;
- од израстоци;
- од семе.

Добра вест е тоа што кактусите и сукулентите се размножуваат релативно лесно. Поради тешките услови во кои живеат, тие развиле техники на преживување кои им овозможуваат лесно вкоренување. Може да произведете многу млади кактуси или сукуленти од само една билка!

Со режење е лесно да се добие нова билка. Размножувањето на кактусите на овој начин, овозможува добивање на возрасна билка за пократко време отколку што таа би се добила од семе.

Photobucket

Photobucket

Се одрежува дел од здрава билка. Притоа, треба да се користи чист, по можност стерилизиран нож или скалпел. Одрежаните делови треба да се остават да се исушат пред да се засадат. За тоа, во зависност од временските услови и дебелината на одрежаните делови, е потребно од 10 до 45 денови. Раната треба да се залечи, пред да ја засадиме билката. Одрежаните делови треба да се чуваат на темно и топло место, никако директно изложени на сонце. Треба да да се садат во сув супстрат и откако ќе се посадат, не треба да се полеваат во следните 2-3 недели.

Некои кактуси и сукуленти даваат многу млади израстоци. Во тој случај, таквата билка може да се размножи на едноставен начин, со тоа што израстоците ќе се одвојат од примарната билка и ќе се засадат во друга саксија.

Photobucket

Photobucket

Самите израстоци многу често веќе имаат формирано корења и треба само внимателно да се одвојат. Младите израстоци по одвојувањето не треба да се садат барем една недела. Во случај израстокот да нема формирано корен, треба да се остави да се суши се додека не се појават корења. Не треба да се грижите доколку на младиот израсток му недостига храна и вода, бидејќи повеќе ќе му штети ако веднаш го посадите. По садењето билката не треба да се полева во следните десетина дена. Првото полевање по садењето не треба да биде обилно, туку само толку, колку супстратот да биде влажен. Подоцна, треба да се полева дури откако земјата добро ќе се исуши.

Најпредизвикувачкиот начин на размножување на кактуси и сукуленти е со семе. Иако овој начин бара многу труд, со сеење на семе може да добиете голем број на млади и што е уште побитно здрави билки.

Нека Ви се множат!

Извор: CactusInfo

5/19/2008

Календар за кактусари/ки: Мај

Во овој месец кактусите се во полна вегетација. Вегетационите врвови им се сјајни, кај секоја билка се појавуваат нови боцки, а кај многу од нив и цветови. Доколку некоја билка не расте, треба да го прегледате коренот.

Главна потешкотија во овој месец се честите заладувања. Во тие денови мора многу внимателно да ги полевате кактусите, за да не се случи во период на нагло заладување, супстратот да биде многу влажен. Во текот на тие неколку ладни денови и ноќи може да се случи, доколку има претерана влажност на супстратот да изгинат сите млади жили на коренот. Во тој случај билката ќе престане да расте се додека повторно не се обноват корењата, за што е потребно многу време. Секој ден добиен во текот на пролетта, во есен донесува поголем прираст.

Ова е период кога може да се пикираат младите билки израснати од семе. Кога времето е топло може да се изврши и калемење на млади и стари билки. Со оголед на тоа дека поради променливоста на времето ова е период кога можат да се јават болести, билките треба секојдневно да се контролираат и доколку се воочат знаци на габични болести, веднаш да се прскаат со фунгицид. Никогаш не треба да се прска во време кога билките се загреани од сонцето.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

5/14/2008

Кактуси, основни информации

Според изгледот, кактусите целосно се разликуваат од билките кои се околу нас и на кои сме навикнале. Тие на некој начин делуваат вонземно. Наместо гранки и листови имаат само меснато стебло, а листовите им се преобразени во боцки и влакненца чијашто улога е одбрамбена: од пресилното сонце или животните. Процесот на фотосинтенза се одвива во стеблото. Во зависност од видот, цветаат во различни периоди од годината, но најголем дел од нив цветаат во пролет. Цветовите им траат од неколку часови до 10-12 денови, во зависност од видот.

Photobucket

Секој што ги одгледува или планира да започне со одгледување на кактуси, мора да ги има овие неколку основни информаци.

Важно е да имаме здрави, убави билки, способни за цветање, репродукција и долг живот. Затоа треба да им обезбедиме што пооптимални услови. Особено битни се четири услови за тоа: топлина, количина на светлина, состав на земјата (супстрат) и режим на полевање.

Кактусите сакаат топлина, но најголем дел од нив сепак сакаат благо засенување. Бидејќи им годи престојот на отворен простор, во текот на летото ги изнесуваме надвор, притоа обезбедуваме заштита од дожд, бидејќи поројните дождови можат да го исфрлат супстратот од саксијата. Од друга страна, долготрајните дождови и летните заладувања кои траат повеќе денови, можат штетно да делуваат на нив.

Кактусите не сакаат “мокри нозе“. Супстратот мора да биде водопропустлив, односно исцедлив. Затоа секогаш во супстратот, освен тресет и шумска земја, се додава и околу 30% испран песок и изситнета цигла (1-5 mm). Кактусите ги садиме во мали, плитки, пластични саксии, темносиви (најдобро) или црни. Провидните и белите треба да се избегнуваат. Се разбира, во предвид доаѓаат и керамички или украсни, само да не бидат преголеми. Младите билки ги пресадуваме секоја година, а постарите секоја втора година и тоа во февруари, пред почетокот на вегетацијата, или на крајот на јули, во време на летната стагнација на прирастот.

Пред садењето, билките не ги полеваме 7-8 дена, ги вадиме од старите саксии и го истресуваме стариот супстрат. Оштетените корени ги скратуваме и при повторното садење внимаваме врвовите на корењата да не бидат свртени нагоре. Ако е потребно билките ги пресадуваме во еден број поголеми саксии и тоа само ако бликата ги надраснала надворешните димензии на саксијата. Супстратот благо го притискаме или само ја стресуваме саксијата. Пресадените билки не ги полеваме во следните 5-7 дена.

Во зима кактусите треба да бидат сместени во светли простории со температура од 5-8°C. Ако во текот на зимата кога има сончеви денови, се случи температурата да надмине 15°C, треба да ги отвориме прозорите и да проветриме. Доколку кактусите во текот на зимата престојуваат во простории со температура од 5-8°C, не ги полеваме воопшто од октомври па се до почетокот на март. Доколку кактусите се држат во дневната соба, треба да се приближат до јужниот или источниот прозор и еднаш на 20-30 денови да им додаваме една до две лажици вода за малите, односно половина филџан за големите кактуси. Ако ги полеваме со поголема количина на вода, ќе почнат да растат. Тоа не смее да се дозволи, бидејќи поради недоволната количина на светлина ќе дојде до нивна деформација.

Во пролет кактусите ги будиме со оросување со млака вода, најмалку 2-3 пати во период од еден до два дена, во зависност од температурата, па дури потоа обилно ги полеваме со вода. И оросувањето и полевањето се прават наутро до 9 часот, за да можат билките до крајот на денот да се исушат, а супстратот да се процеди. Пролетните полевања се поретки, на 7-10 денови, летните на 4-7 денови, а во есен повторно се проретчуваат, на 10-15 денови.

Сите билки, па и кактусите имаат период на мирување. За најголем дел од нив, тоа е времето од октомври до март.

Извор: Svet Biljaka
Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...