7/04/2008

Колекцијата на Надежна

Повторно Вашите кактуси во мојата КАКТУСАРНИЦА. Како што ми вети nadezna и таа ми испрати неколку фотографии од нејзината колекција на боцкави миленичиња...задоволството да фрлите поглед на нив ви го овозможувам и на Вас!

Photobucket

Photobucket

Photobucket

Овој последниот го немам...ај да се менуваме! :-)

Photobucket

Ти благодарам nadezna!

Очекувам фотографии и од Вашата колекција...праќајте ми ги на e-mail!

Кактус за компјутерџии

Ако заглавувате често пред компјутер, има начин додека работите да си приуштите смирување и релаксација. Треба само да му се препуштите на овој USB Cactus Aroma Oil Diffuser.

Photobucket

Се што треба да направите е само да го приклучите на USB приклучок, да изберете јачина и боја на светло кое во тој момент најмногу ќе ви направи мерак, да ставите неколку капки од омиленото етерично масло во “саксијата“ и да му препуштите на овој cool кактус да Ви помогне да се споите со Вашето “Зен“ чувство на внатрешен мир.

Photobucket

Мантри за целосно просветлување засега не биле вклучени во пакетот! :-)

7/03/2008

Халуциноген туризам

Во рамки на текстовите на македонски јазик за кактуси, сукуленти и се што се врти околу нив, а кои успеав да ги најдам досега, Ви го пренесувам и овој за Халуциноген туризам, кој бил објавен на on.net во 2007 година…а сега, во екот на туристичката сезона уште повеќе ќе го поттикне Вашиот (аван)туристички дух...

Популарноста на романот “Страв и параноја во Лас Вегас” се покажа штетна по посевите на Peyote (Lophophora williamsii) во северно Мексико, бидејќи од издавањето на романот до денес, туристите не престануваат да доаѓаат во пустините и да го уништуваат овој вид на кактус.

Photobucket

Масовната потрага по Peyote започна во текот на ’70-те години, откако писателот Хантер С. Томпсон детално ги опиша неповторливите халуциногени искуства кои ги нуди кактусот. Од тогаш, туристите од целиот свет не престануваат да доаѓаат во северно Мексико за да можат со часови да халуцинираат во пустината.

Photobucket

Иако Peyote атракцијата му донесе голема заработка на мексиканскиот град Реал де Каторсе, сепак локалните власти предупредуваат дека неконтролираната жетва на растението го загрозува неговото природно живеалиште. Потребни се 10 до 15 години за да се регенерира растението.

Тоа особено ги засегнува индијанските шамани кои го користат Peyote при своите ритуали. Во текот на последните неколку години, Индијанците од племето Виксарика се потешко го наоѓаат халуциногениот кактус, поради што побараа од владата нивниот регион да биде прогласен за заштитена зона.

Календар за кактусари/ки: Јули

Во спарните денови (какви што ги имаме деновиве), освен на нас, прилично им е топло и на кактусите. Доколку ги чувате во затворен простор, треба почесто да проветрувате. Супстратот брзо се суши и затоа треба обилно да ги полевате и тоа навечер кога билките не се премногу загреани.

Доколку приметите дека растот на кактусите е успорен, тоа значи дека почнува периодот на летна стагнација. Во тој случај, внимателно со полевањето...во стагнација коренот не работи потполно и лесно може да угине. Во таква ситуација, трулежот (Болести) понекогаш се шири толку многу брзо, што не останува ништо од билката што би можело да се спаси.

Периодот на летна стагнација е време кога можете и да ги пресадувате кактусите и другите сукулентни билки!

Доколку сте посеале кактуси, младите билки се исто така во опасност. Во овој период почнува да делува трулежот на кореновиот врат. Најмногу се загрозени билките кои се посадени на хумусов супстрат. Кога ќе го приметите трулежот, веднаш треба да ги извадите сите билки од садот каде сте ги посеале, да ги оставите малку корењата да се засушат, а доколку постои можност можете да ги ставите неколку дена во ладилник на темепература од 3 до 4°C. Таквите билки, најдобро е да се остават незасадени се додека не залади.

Кога ноќите ќе станат поладни, растењето се обновува. На сите билки им годи кога неколку часа на нив ќе паѓа дожд, особено кога дожот е благ и топол. Силните дождови нема да им направат некој голема штета, освен што ќе ги испрска со земја и дел од неа ќе извади надвор од саксијата.

Photobucket

Извор: Gajenje kaktusa - Fleischer/Schütz

7/02/2008

Кактусарот е повторно во својата КАКТУСАРНИЦА!

Како што можеше да се примети во изминатите пет дена видливо беше моето неприсуство во КАКТУСАРНИЦАта!

Не дека не сакав и немав време, туку не можев да влезам! Имено...“ненамерно“ го р'чнав “безбедносниот систем“ и после тоа не можев да влезам...му ги кажував тајните кодови, му се умилкував, му кажував “чесен збор, јас сум“, “сезаме отвори се“...но тој едноставно не ме препознаваше и не ме пушташе!

Photobucket

Кога сме кај р'чкањето...како и кактусите и јас понекогаш љубам да боцкам и р'чкам, и како резултат на таа моја слабост, а во насока на поддршка на Кампањата за зачувување и користење на кирилицата :-)...во саботата го сменив моето "Корисничко име" и "Лозинката" од латиница во кирилица. После тоа навидум беше се ОК, се логирав уште два-три пати, се додека не добив љубезна информација “Баш ни е жал, но корисничкото име или лозинката не беа препознаени. Дали ја заборавивте вашата лозинка?“ Пробав уште неколку пати, ама истата приказна. Да биде иронијата поголема, побарав и нова лозинка, ама добив уште една љубезна инфомација “Unable to send mail. Please contact the site admin“.

Го споделив проблемот со “pomos@blog.com.mk“ и “blogmaster@blog.com.mk“ уште во саботата, денеска го “искодошив“ проблемот и кај Трендо и во доцните попладневни часови blogmaster-от ми пратил поздрав и информација дека проблемот е среден и можам да си побарам нова лозинка...

Thank you Mr. Blogmaster! :-)
Related Posts Plugin for WordPress, Blogger...